По настапите за Нексе Нашице, ППД Загреб и бундеслигашот Гепинген, хрватското десно крило Јосип Божиќ Павлетиќ. пристигна во македонската Суперлига и се обврза на договор на една сезона во Еурофарм Пелистер.
Доаѓањето во Битола, Божиќ Павлетиќ го гледа како напредок во кариерата.
„Повикот на Бабиќ дојде случајно. Доаѓањето во овој клуб го гледам како напредок во мојата кариера. Клубот е амбициозен, расте секоја година и мислам дека ги имаме сите предуслови за одлична сезона.
Кратка беше моја пауза. Бундеслигата траеше скоро до први август. Но, не се жалам. Професионалец сум и одиме понатаму. Ни следат многу натпревари, ќе има минутажа за секого. Мораме да размислуваме натпревар по натпревар, против секого да играме на победа, па ќе видиме каде ќе дојдеме“, вели Хрватот.
Искусното крило ќе ја зголеми конкуренцијата, бидејќи на позицијата десно крило веќе играат Радовиќ и Костески.