Четворица ракометари на Еурофарм Пелистер заминуваат од клубот на истек од договорот. Од следната сезона во дресот на битолскиот клуб нема да ги гледаме Градимир Чаневски, Невен Стјепановиќ, Марин Вегар и Дарио Петровски. Капитенот Градимир Чаневски заминува од Битола по пет успешни сезони.
„Благодарен сум на клубот за шансата овие пет години да бидам тука. Мислам дека обострано беше задоволството - мислам дека и јас возвратив, како што тие што многу ми пружија. Сакам да се заблагодарам на публиката, ни недостигаше оваа година. Немам зборови и многу сум задоволен од прикажаното. Дадов сè од себе да се покажеме во најдобро светло.
Амбициите на клубот растат. Имаше турболентни периоди во овие години. Во еден период бевме втор клуб во Битола, се изборивме да бидеме заедно и веќе овој проект е многу сериозен. Му посакувам многу успеси на Еурофарм Пелистер во иднина. Мислам дека имавме успешна сезона, со мал пад пред осминафиналето на Европската лига и натпреварот протоив Вардар. Ни дојдоа и повредите во тој период. Цел ни беше да ја минеме групата во Европската лига, го сторивме тоа. Наидовме на посилен противник во осминафиналето и потоа заслужено испаднавме. Во СЕХА лигата сме во четвртфиналето и имаме што да кажеме таму во август. Во шампионатот одигравме еден слаб натпревар во Скопје против Вардар и тој исход го реши шампионот“, рече Чаневски.
Еурофарм Пелистер сезоната ја заврши на второто место и играше во финалето на Купот на Македонија. На меѓународна сцена ја мина групата во Лига Европа, а се квалификува и во четвртфиналето на СЕХА Гаспром лигата.