Пелистер ќе се сретне со Бутел во полуфиналето од завршницата на ракометниот Куп на Македонија, утревечер во салата во Автокоманда. Еден од најдобрите ракометари на битолскиот клуб, Стипе Мандалиниќ верува дека е време Куп-трофејот да се врати во Битола.
Хрватот Стипе Мандалиниќ е радосен што конечно екипата е комплетна.
„Сите екипи во Купот имаат свои шанси. Првиот натпревар е Бутел и се спремаме за тој натпревар, па потоа ќе видиме што ќе биде. Секако дека гледаме шанса во Купот, квалитетна екипа сме, добро работиме и се подготвуваме и ќе видиме што ќе донесе „фајнал-фор“ турнирот.
Сите клубови имаа проблеми со ковид-19, нè стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се спремиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“, смета Мандалиниќ.
Дуелот меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер, кој се игра в четврток од 19:00 часот им е доверен на Исмаил Металари и Ненад Николовски, додека делегати ќе бидат Љупчо Јаневски и Ацо Николовски.