Утре започнува завршниот турнир во Купот на Македонија и следат два интересни полуфинални двобои. Вардар ќе се соочи со Металург, а Еурофарм Пелистер го чека дуел со Бутел Скопје. Пелистерци се едногласни во намерата да го донесат трофејот во Битола.
Капитенот Градимир Чаневски пред предизвикот на завршниот турнир на Купот рече:
„Имаме време да се подготвиме и ќе треба да ги одработиме двата натпревари доста сериозно. Благи фаворити сме против Бутел, но се стремиме кон финалето, да одиграме максимално и да го донесеме пехарот во Битола.
Се надеваме дека ги научивме поуките од поразот од Вардар 1961 во шампионатот. Тоа треба да го покажеме на терен. Кога сте комплетни е многу поразлично и ротацијата е подобра. Сите ќе го дадат максимумот за титулата да дојде во нашите витрини“.
Еурофарм Пелистер утре изутрина патува во Скопје, а натпреварот против Бутел Скопје планиран е утревечер од 19:00 часот.