Два спортски бренда од Битола се соединија во промоција на меѓусебните манифестации. Неколку ракометари на Еурофарм Пелистер денес присуствуваа на официјалната промоција и снимањето на видео спот за првиот маратон во планинско трчање (Pelister Unique Trail Marathon).
Чаневски, Мараш, Костески, Мандалиниќ, Периќ, Иван Димитровски и Граџан се дружеа со организаторите на натпреварувањето, директорот на трката Ненад Лазиќ, поранешниот ракометар Златко Димитровски и останатите членови на клубот ПУТМ. Тие учествуваат во снимање на видео спот во кој ги повикаа сите професионалци и рекреативци да земат учество на маратонот кој е предвиден на 21 и 22 август.
Во импровизиран ракометен натпревар на падините на скијачката патека на Ниже Поле, ракометарите се покажаа како вистински професионалци и пред фото-објективот и пред камерите. Тие ветија дека ќе го промовираат настанот и во следните месеци, а маратонците наскоро ќе ги бодрат и на трибините во спортската сала „Боро Чурлевски“.