Ракометарите на Магдебург затропаа на вратата од четвртфиналето во европската ракометна лига, победувајќи го Еурофарм Пелистер со 24-32 (9-15) во Битола, во првиот натпревар од осминафиналето на Лига Европа. Битолските ракометари и стратегот Жељко Бабиќ направија што е во нивна моќ да се вратат во игра, но квалитетот беше далеку на страната од бундеслигашот.
Тренерот на Магдебург, Бенет Вигер на официјалната прес-конференција рече:
„Првпат сум во Битола, сум слушал многу за атмосферата што ја прават навивачите. Штета што поради пандемијата трибините беа празни. Сериозно влеговме во овој натпревар, одлично се справивме со нивната одбрана 6-0 и игравме според договореното во нападот. Се изборивме за добра залиха за реванш средбата, но верувајте дека со многу сериозен пристап ќе влеземе и во тој натпревар. Ова е само еден чекор поблиску до нашата цел, а таа е пласман во завршниот турнир“.
Следниот натпревар за пелистерци е в сабота во Скопје против Вардар 1961, во рамките од третото коло на плеј-офот на Суперлигата.