Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, смета дека поразот од 24-32 во првиот осминафинален натпревар е сосема заслужен, бидејќи Магдебург беше поквалитетен ривал.
„Честитки за победата, честитки за тренерот на Магдебург. Тргнавме многу бавно, бевме предвидливи во нападот, а со таква игра против вака квалитетен тим знаеш дека ќе бидеш казнет. Игравме пречесто во овој период и можеби затоа ја загубивме силата на овој меч. Но, треба да се напомене дека игравме против одлична екипа, која е составена од голем број медалисти од големите натпреварувања. Ни следи важен меч со Вардар во домашниот шампионат, а потоа и реваншот во Германија. Штета што не успеавме да уловиме голема риба како што најавивме“, изјави Бабиќ на прес-конференцијата по натпреварот.
Овој пораз е шести на битолчани во Европската лига, а прв на домашен терен. Последен тим кој славел во Битола е ППД Загреб во декември 2019 година.