Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре го пречекуваат Магдебург во првото осминафинале од ЕХФ Европската лига. Во пресрет на мечот, голманот на битолскиот тим, Градимир Чаневски, ги истакна своите очекувања од мечот.
„Магдебург е одлична екипа и игра во одлична форма. Наша цел е барем да извадиме нерешен резултат на првиот натпревар во Битола. Ќе биде добро да заминеме во Германија со позитива. Добро играме и ние, и ние сме во добра форма како и тие. Детали ќе одлучуваат, па ако бидеме на ниво, мислам дека ќе патуваме за Магдебург со позитива.
Мислам дека поголем предизвик е за нив да ја освојат Битола. Ние играме добра сезона, добро играме на домашен терен и верувам дека тоа ќе го потврдиме во вторник.
Магдебург е одлична екипа, играат добра одбрана, многу трчаат и влечат полуконтра. Наше е да се враќаме брзо и да трчаме. Мислам дека не треба да дозволиме да нè наттрчаат“, вели капитенот на битолчани.
Шериф Чема и Бесфорд Јахја од Косово ќе ја делат правдата на натпреварот на битолчани против бундеслигашот Магдебург, во вторник од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.