Еурофарм Пелистер испишува историја во СЕХА Гаспром лигата и на две кола до крајот на групната фаза осигура едно од првите две места, кои носат директен пласман во четвртфиналето и избегнат е априлскиот осминафинален двомеч. По победата над Металопластика со 27-33, сите ракометари на Жељко Бабиќ блескаа од среќа и задоволство.
По третата победа во групата, кружниот напаѓач Елмир Граџан рече:
„Одигравме добар натпревар, првиот дел беше изедначен, а во продолжението, ние го искористивме нашиот квалитет. Металопластика беше малку полош во вториот дел, ние на тоа се припремавме и знаевме дека натпреварот ќе оди во тој правец и забележавме победа“.
Еурофарм Пелистер се наоѓа на еден чекор до „фајнал-фор“ на СЕХА лигата, натпреварување кое за првпат го почувствува минатата година, кога беше елиминиран во осминафиналето од Нексе Нашице. Противникот во четвртфиналето на битолчани ќе биде познат по завршувањето на натпреварите во двете групи.