Металопластика – Еурофарм Пелистер 27-34 (14-16)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа третата победа во четвртиот натпревар од групата на СЕХА Гаспром лигата. Момците на Жељко Бабиќ вечерва во Шабац ја совладаа Металопластика со 27-34 (14-16) и се доближија до лидерот во групата, ППД Загреб.
Одлично започна Чаневски меѓу стативите, а и битолската одбрана делуваше подобро од домашната. По серијата на израмнувања, Мандалиниќ и Радовиќ првпат донесоа +2 за екипата на Бабиќ. Еурофарм Пелистер имаше напад и за три разлика, но не го реализира, па тимот на Вуковиќ израмни на 8-8.
Следеа вообичаените ротации, по кои пелистерци подобро го завршија првиот дел. Радовиќ, Танкоски и Граџан погодија во последните моменти за +3. Сепак, на четири минути до одморот Тодоровиќ реализира за 14-16, резултат со кој се замина на одмор.
На почетокот од вториот дел битолчани ја направија одлучувачката разлика. Одбраната и Чаневски блеснаа, а во нападот погодуваа сите гостински ракометари. Мандалиниќ, Периќ, Костески, Мараш и Граџан ја наполнија мрежата на Металопластика и Вуковиќ побара тајма-аут при 18-27 во 45. минута.
Вуковиќ и Бабиќ целосно ги изменија составите и Еурофарм Пелистер без многу треперење го доби натпреварот со 27-34. Чаневски со 14 интервенции и Граџан со седум и Периќ со пет погодоци отскокнаа од перфектниот битолски колектив. Иваниќ со шест гола беше најефикасен во тимот на Веселин Вуковиќ.
Битолчани вечерва се враќаат во нашата земја и веднаш започнуваат со подготовка на натпреварот од второто коло на Суперлигата против Бутел в недела од 16:00 часот.