Утре Еурофарм Пелистер ги продолжува настапите во регионалната СЕХА Гаспром лига, со гостување кај некогашниот европски првак Металопластика Шабац.
Тренерот Жељко Бабиќ вели дека мора добро да бидат распределени силите за сите дуели што следуваат во март и април.
„Сами малку си го загорчивме распоредот, бидејќи продолжување да играме во Европа, па почна и СЕХА лигата и домашното првенство, па многу играме и многу патуваме. Веќе е малку поинаку за разлика од претходните години, па на тоа мора да гледаме како на предизвик. И јас како тренер треба да бидам подобар од претходно, треба да направам добар план, ротација и стратегија и да ги распоредиме силите за она што ни следи во март и април.
Се сеќавам на натпреварот во Битола против Металопластика, бидејќи беше тежок дуел. Беше последен натпревар во тој дел од првенството и беше психолошко оптеретување за играчите. Сите тие, па и јас, бевме на пат кон дома и игравме тежок натпревар. Имавме проблеми во првиот дел, губевме и ловевме резултат. Сепак, во вториот дел пронајдовме баланс, посебно дефанзивен, и со индивидуални потези на некои играчи создадовме предност и издвојувавме победа во еден тежок и квалитетен натпревар“, рече тренерот Бабиќ.
Натпреварот во Шабац е четврти за Еурофарм Пелистер во групната фаза на Лига Европа, а билансот до овој момент е две победи и еден пораз.