Проектот наречен Еурофарм Пелистер 2 дава резултати и пласманот во плеј-офот и промоцијата на Кузманоски и Петровски во првата екипа тоа го покажува. Како резултат на „плодовите“ од својата работа, Александар Јовиќ денес доби нов договор и ќе го води помладиот битолски клуб и во следната сезона.
„Сакам да изразам благодарност до претседателот Зоран Стерјев и целокупната управа на ракометното семејство Еурофарм Пелистер за укажаната доверба и за продолжувањето на соработката. Голема благодарност што управата ни овозможи одличен тренерски тим. Тука мислам на Александар Зарков како мој прв соработник, Зоран Атанасовски, кондицискиот тренер Александар Марковски, физиотерапевтот Јован Боглев и Златко Вељановски како логистика. Имаме одличен тим и во следната сезона ќе ја оправдаме довербата и ќе работиме за добробитот на битолскиот и македонскииот ракомет“, рече Јовиќ.
Јовиќ пред да дојде во Битола беше тренер во Металург и Академија Алушовски.