Битолски Еурофарм Пелистер постигна договор со 23-годишниот бек Дарио Петровски и денес официјално го претстави во јавноста. Петровски е лев бек, изданок на битолската школа и во кариерата го носеше дресот на Еурофарм Пелистер 2.
Тој веќе се стави на располагање на стручниот штаб и денес ќе го одработи првиот тренинг. Утре се очекува неговото деби на натпреварот против Струга во првото коло од плеј-офот (17:00 часот).
„Овој потпис за мене е напредок и мотив плус за чекор напред во кариерата. Со добри игри верувам дека ќе се претставам кај тренерот Бабиќ и очекувам добра иднина и за мене и за клубот. Разговарав со тренерот, размислува за мене и ми кажа за што му требам и на кои задачи треба да одговорам. Мое е да тренирам и да се посветам на тоа што го бара тренерот од мене, па потоа и да го презентирам на терен. Со самиот ростер се гледа дека Еурофарм Пелистер е еден чекор пред Еурофарм Пелистер 2 и тука сум да одговорам на предизвикот, бидејќи надлежните видоа нешто во мене и мислат дека можам да одговорам на тој предизвик“, смета Петровски.
Со приклучувањето на Петровски, клубот продолжува со својот проект да им даде шанса на младите македонски ракометари. Сличен случај е потписот на Цветан Кузманоски пред две недели.