Архивиран е четвртиот пораз во групната фаза на Лига Европа и од четвртото место Еурофарм Пелистер ќе тргне во елиминационата фаза која почнува на 23 март. Тренерот Жељко Бабиќ на прес-конференцијата не зборуваше премногу за поразот од 29-26 од Кадетен Шафхаузен, туку се осврна на следниот ривал.
Хрватот дури и со многу оптимизам го најави двомечот против Магдебург.
„Морам да потенцирам дека сум горд на моите играчи. Остваривме добар резултат во групната фаза и сега ни следи елиминациона фаза. Наш противник е тимот на Магдебург, а тоа значи дека германскиот тим доби лош противник. Спремни сме да „уловиме крупна риба“ во следниот круг“.
Поранешниот германски шампион загуби само еден натпревар во групата Ц, а во Бундеслигата е второпласиран. Се работи за поранешен европски шампион и клуб во чии редови до минатата сезона настапуваше нашиот репрезентативец и поранешен ракометар на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски.