Ноемвриското реми во Битола, кога екипата играше со многу ковид проблеми, остана во сеќавање на љубителите на ракометот кои се приврзаници на „зелено-белата“ боја. Возвратниот дуел во Швајцарија ќе биде шанса за реванш на пелистерци, а победа во овој случај може многу да значи за екипата на Жељко Бабиќ.
Црногорското крило Мирко Радовиќ очекува најдобро можно издание и обид да се стигне до прва гостинска победа.
„Нема калкулации од наша страна. Патуваме во Швајцарија да дадеме максимум. На првиот натпревар ремизиравме и имаме нешто да им вратиме. Во одлична форма сме, имаме пет победи во серија и сакаме хемијата да остане на ова ниво. Имаме одличен колективен дух, одиме да се бориме до последниот атом од силите, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно.
На првиот натпревар покажаа дека не се предаваат, играат до последната секунда. Независно колку е разликата во наша или нивна полза, не го намалуваат „гасот“ и даваат сè од себе. Ќе биде одличен натпревар и од наша и од нивна страна и се надевам дека ќе им вратиме за првиот натпревар“, смета Радовиќ.
Во зависност од исходот во Шафхаузен ќе се знае на кое место ќе заврши Еурофарм Пелистер и кој ќе биде осминафиналниот противник. Натпреварите од првата елиминациона фаза се играат на 23 и 30 март.