Без неколку стандардни првотимци, Еурофарм Пелистер денес замина за Швајцарија, каде утре ќе го игра последниот натпревар од групата Д на Лига Европа. На мегдан со моментално третопласираната екипа во групата, Кадетен Шафхаузен, тимот на Бабиќ ќе излезе без Хендави, Кушан, Кузманоски, Маџовски и Кукуловски.
Сепак, и покрај проблемите, крилото Ненад Костески е оптимист.
„Остваривме пет победи во низа и натпреварот против Татран ни беше многу важен, за да ја задржиме хемијата како досега. Верувам дека ќе издвојуваме добар резултат во Шафхаузен. Се подготвуваме добро, ги анализираме и знаеме дека не смееме да ги потцениме. Кадетен Шафхаузен е одлична екипа. Како што знаете, тука во Битола одигравме нерешено, а тие на домашен терен знааат да одиграат добро. Затоа мора да бидеме сите заедно, цел тим како едно и да се бориме за подобар пласман понатаму во Лига Европа.
Натпреварот во Битола заврши нерешено, но ете имаме втора шанса и нам ни преостанува да се обидеме да им вратиме за тоа што го пропуштивме“, рече стружанецот.
Утре од 11:00 часот ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе тренираат во Шафхаузен, а вечерта од 20:45 часот ќе се соочат со првакот на Швајцарија.