Екипата на Еурофарм Пелистер со убедливи 28-16 го совлада словачкиот Татран Прешов и со тоа се зацврсти на втората позиција на табелата во групата А од СЕХА лигата со шест бода. Во оваа група се уште Загреб и Металопластика, кои играат меѓусебе утре попладне.
По најубедливата победа во официјален натпревар во СЕХА лигата или Лига Европа, крилото Гоце Ојлески рече:
„Можеби противникот се соочува со многу проблеми, но и ние имавме густ распоред во последниот период, а и многу повредени ракометари. Одговоривме на сите барања на стручниот штаб, бевме одлични и мислам дека заслужено победивме. Се надевам дека и така ќе продолжиме и на следниот натпревар против Кадетен Шафхаузен во Лига Европа“.
Еурофарм Пелистер оваа сезона е непоразен на домашен терен, а единствена екипа која останала непоразена е следниот ривал на битолчани, швајцарскиот шампион Кадетен Шафхаузен, кој во ноември одигра нерешено во Битола.