Ракометарите на Еурофарм Пелистер го совладаа Татран Прешов со убедливи 28-16 во третото коло од регионалната СЕХА лига. Избраниците на Жељко Бабиќ во ниту еден момент не му дозволија на ривалот да помисли дека може да се врати со позитивен резултат од Битола.
На прес-конференцијата натпреварот го анализираше „десната рака“ на Бабиќ, Божидар Мојсов.
„Сакам да упатам честитки за гостите за одиграната партија. Мислам дека го дадоа максимумот на овој натпревар. Знаевме дека ќе играат само со единаесет играчи во својот ростер, но тоа не значи дека нашите ракометари не одиграа добро. Играчите одговорија на сите зададени задачи и среќен сум што одиме во нагорна линија, имаме многу енергија и се надевам дека така ќе продолжиме“, изјави Божидар Мојсов.
Утре ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе тренираат во Битола, а потоа тренерот Бабиќ ќе ги одреди патниците за Шафхаузен за последниот натпревар од групната фаза на Лига Европа. Пелистерци за Швајцарија патуваат в понеделник, а натпреварот го играат во вторник навечер.