Еурофарм Пелистер - Татран Прешов 28-16 (11-7)
Еурофарм Пелистер ја запиша втората победа во А групата на СЕХА Гаспром лигата, откако попладнево на домашен терен го совлада првакот на Словачка, Татран Прешов со убедливи 28-16 (11-7).
Избраниците на Жељко Бабиќ се разлетаа на теренот, играа доминантно и допадливо и ја забележаа најубедливата победа оваа сезона. Ослабениот противник од Словачка допатува со само единаесет играчи во ростерот и беше достоен противник само едно полувреме. Еурофарм Пелистер го засили темпото во второто полувреме и од минута во минута ја зголемуваше предноста за конечни +12. За битолчани ова беше втора победа во групата, по онаа против Металопластика во декември.
Карим Хендави блескаше на голот на битолчани со 15 интервенции, додека во нападот најмногу се истакна Елмир Граџан со седум голови, додека Јосип Периќ постигна шест. Оливер Рабек со шест голови беше најефикасен кај гостите од Словачка.
Во следното коло, на 18 март, Еурофарм Пелистер гостува кај Металопластика во Шабац.