Јосип Периќ одигра симултанка во победата на Еурофарм Пелистер против ГОГ Гудме и битолчани сега се на чекор до пласман во следната фаза. Средниот бек апострофираше дека ова е најголем триумф сезонава и многу значи за моралот на екипата.
На официјалната прес-конференција Босанецот, кој пред неколку дена стана татко, рече:
„Сакам да им честитам на противникот за одиграната партија. Знаевме како игра ГОГ Гудме и одлично се подготвувавме. За нас ова е една голема, голема победа, со оглед на тоа што во нашиот тим недостасуваа голем број играчи. Мислам дека оваа е нашата најголема победа во оваа Европската лига. Многу сум среќен и горд на целата екипа и уживав во оваа победа“.
Периќ зад себе остави импресивна партија и запиша седум гола и седум асистенции. Со ваква колективна игра екипата на Жељко Бабиќ ги покри неиграњата на Мандалиниќ, Кушан, Маџовски и Велковски. Десниот бек започна со тренинзи и постојат шанси дека ќе се појави во вторник против Рајн Некар Левен во Битола.