Еурофарм Пелистер одигра одличен натпревар и без најдобриот стрелец Стипе Мандалиниќ и го совлада лидерот во данското првенство ГОГ Гудме со 32-31.
Асистент тренерот на битолчани, Божидар Мојсов, смета дека ова е голема победа за нивниот млад тим.
„Сакам да им честитам на гостите, очекувавме баш ваков натпревар. Знаевме дека играат одлично и дека во својот ростер имаат тројца ракометари кои станаа светски шампиони. Ова за нас е една голема победа, затоа што и покрај сите проблеми што ги имаме, ги надминуваме. Имавме многу проблеми со повреди, но вечерва покажавме дека сме тим и дека може да сметаме на секој играч од нашиот состав. Многу сме среќни за победата, пред сè затоа што ние стануваме сериозна екипа“, рече Мојсов.
Битолчани уште утре се враќаат на тренинг и започнуваат со подтотовка на натпреварот против Рајн Некар Левен следниот вторник. Медицинскиот тим ќе ја следи еволуцијата на повредата на скочниот зглоб на Дејан Кукулоски, кој во финишот од натпреварот заради повреда мораше да биде изнесен од теренот.