Еурофарм Пелистер во два дена двапати го победи тимот на Татабања во рамките на групата Д на Европската лига. Тренерот Жељко Бабиќ очекувано беше задоволен од освоените бодови и го пофали новиот голман од Египет, Карим Хендави. Колективниот дух на пелистерци се виде во играта во одбрана, а таму значајна улога заврши Црногорецот Мирко Радовиќ.
„Не е едноставно да се играат два натпревари во ваков интензитет во помалку од два дена. Екипата покажа дека има големо срце и дека тимскиот дух е на ниво. Тој не донесе до победа. И на Татабања ѝ беше тешко да игра, ама кога противникот правеше серија, ние не се откажувавме. Секоја чест за Татабања и тие се бореа колку што можеа, но ние бевме одлични. Кога беше најтешко покажавме карактер. Кога беше најтешко, бевме најдобри. Повредата на Кушан ни падна тешко, ние, сепак, секој ден сме заедно. Се надевам дека ќе биде добро. Игравме за него, се надевам дека што е можно побрзо пак ќе се врати во составот“, рече Радовиќ.
Црногорскиот репрезентативец постигна три гола, некои витални за победата од 21-24. Исто така одигра значајна улога и во одбраната, која пак беше посилната страна на екипата.