Унгарската Татабања загуби на гости во Битола кај Еурофарм Пелистер со 21-19 и останува на дното и без бодови во групата Д на Лига Европа,
Српскиот тренер Владан Матиќ вели дека клучен момент на мечот беше плашливиот старт на неговите избраници. Предводникот на третопласираната екипа во унгарскиот шампионат минатата сезона на прес-конференцијата рече:
„Му честитам на противникот за победата и освоените бодови. Што се однесува на нашата игра, започнавме исплашено и не го покажавме тоа што се договоривме во соблекувална, ниту тоа што го трениравме. Бевме подобри во вториот дел, но немавме сили за пресврт. Ова беше тежок меч, помалку квалитетен, повеќе борбен. Игравме против една цврста екипа, која денес покажа дека знае да игра во одбрана“.
Со овој пораз Татабања останува закована на дното со пет порази од пет натпревари и шансите за пласман во нокаут-фазата на Лига Европа се сведени на теорија.