Битола останува неосвоива тврдина оваа сезона во Европската лига. И во третиот натпревар од групата Д на Лига Европа, Еурофарм Пелистер прокнижи значајни бодови, откако во финишот ја „скрши“ унгарска Татабања со 21-19.
По натпреварот тренерот Жељко Бабиќ им честита на ракометарите и ги пофали ривалите за борбениот натпревар.
„Татабања е цврст тим, нивниот тренер преферира добра одбрана. Притисокот кој го носеше овој натпревар го донесе оној ракомет на терен, што можеби не беше и премногу убав да гледање. Чекавме грешка на противникот за да се одлепиме, во тоа и успеавме и дојдовме до посакуваната победа. Честитки до играчите кои се бореа за секој милиметар и за секоја топка, јас сум горд на нив. Следи нова пресметка со Татабања, тоа сигурно ќе биде нов меч и верувам дека ќе биде нов неизвесен дуел, затоа што противникот никогаш не се предава. Доаѓа нова борба, за секоја топка, за секој метар. Мора да се одмориме малку физички колку што можеме, па пак да тргнеме со една борбена игра кон нова победа“, заклучи Хрватот.
Утрешниот дуел се игра во рамките на седмото коло на групата Д, а номинално на хартија гостин ќе биде Еурофарм Пелистер. Натпреварот започнува од 17:00 часот.