Еурофарм Пелистер се комплетира за двата натпревари од Лига Европа против Татабања. За разлика од тимот кој играше во Хрватска во СЕХА лигата, битолчани ќе бидат посилни за Кушан, Вегар, Маџовски и дебитантот Хендави.
Тренерот Жељко Бабиќ е умерен оптимист пред натпреварите во среда и в четврток.
„Ќе биде сигурно тешко и за нас и за нив. Ќе беше подобро да имавме поддршка од публиката, но денес е така и предноста на домашниот терен не е изразена. Сепак, полесно е да играме на домашен терен, отколку да патуваме. Секако дека имаме една мала предност, но тоа нема да го одлучи победникот. Татабања е цврст тим, кој има силен ритам 60 минути, Ние треба истото тоа да го работиме, дури и повеќе. Верувам дека ќе дојдат моменти во кои треба да бидеме стрпливи, мудри и храбри за да го превртиме натпреварот во наша полза.
Верувам дека Кушан веројатно ќе игра. Има проблеми со коленото, но медицинскиот тим е оптимист дека ќе игра. Карим ќе игра, ќе ни се приклучи, и Вегар треба да биде во тимот. Не патуваше со нас во Загреб заради повреди со рамото, но ќе биде спремен. За Велковски не можам категорички да кажам, но сигурно ќе имаме 2-3 замени од ростерот кој играше во Загреб. Тешко прашање е кој колку ќе игра и ќе ни помогне. Имаме еден професионален однос, играчите се одговорни и сите работиме да ги победиме следните натпревари. Дали некој ќе игра повеќе или помалку ќе видиме. Игравме добро во Загреб, среќен сум што играчи кои играат помалку добро се презентираа“.
Курсад Ердоган и Ибрахим Оздениз од Турција се судии на натпреварот, а делегат ќе биде Камер Металари од Македонија.