Во вториот натпревар во СЕХА лигата Еурофарм Пелистер загуби вечерва на гостувањето кај ППД Загреб со 26-23 (11-14). Тоа е прв пораз за играчите на тренерот Жељко Бабиќ во групата А. Заедно со голманот Чаневски, битолчани ги предводеше Босанецот Јосип Периќ, кој учествуваше во две третини од головите на македонскиот претставник.
По натпреварот поранешниот ракометар на Гепинген ја апострофира ротацијата и малиот број ракометари како причина за поразот.
„Одигравме одлично прво полувреме, но во второто имавме многу лоши периоди и противникот знаеше како треба да ги искористи своите моменти. Немавме многу играчи за ротација, ниту пак соодветни замени, па мислам поради тоа останавме без сили во финишот и го загубивме овој натпревар“, смета Босанецот.
Во групата А на СЕХА лигата, ППД Загреб и Еурофарм Пелистер водат со по три бода, а следат Татран Прешов и Металопластика кои се без бодови. Натпреварувањето продолжува на крајот од февруари со гостувањето на словачкиот шампион Татран Прешов во Битола.