ППД Загреб - Еурофарм Пелистер 26-23 (11-14)
Во вториот натпревар во СЕХА Гаспром лигата, македонскиот претставник Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај ППД Загреб со 26-23 (11-14). Ова е прв пораз за ракометарите на тренерот Жељко Бабиќ во групата А, кои моментно се наоѓаат на второто место со три бода, зад водечкиот ППД Загреб, а без бодови се Металопластика и Татран Прешов.
Битолачани одлично го започна мечот, воглавно го контролираше резултатот и највисоката предност во првото полувреме изнесуваше 9-13 за македонската екипа. Стартот на вториот дел исто ветуваше дека конечно на прав начин како што доликува ќе блесне Еурофарм Пелистер и против едно големо име на ракометната мапа, какво што е хрватскиот ППД Загреб, откако на семафорот стоеја и највисоки 12-17 и тука како да застана „магијата“ на гостите.
Домаќинот направи серија од 5-0 за израмнување и финиш гол за гол. Следуваше нов пад на концентрацијата, четири гола во низа за Хрватите што беше и можеби клучен момент за кршење на сите надежи, веќе како да се откажаа играчите на Еурофарм Пелистер и крајот се помирија со првиот пораз сезонава во регионалното натпреварување.
Со седум гола Периќ беше најпрецизен во таборот на Пелистер, додека кружните напаѓачи Граѓан и Маркоски и младиот Мараш останаа со трите гола од првиот дел. Кај ППД Загреб прв стрелец беше Буриќ со пет погодоци, а на голот одличен беше Ашанин со седум интервенции.