Попладнево со авионски лет за Загреб, ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе заминат на мегдан на поранешниот европски шампионат на првиот гостински дуел во СЕХА лигата. Искусното крило Гоце Ојлески верува дека со победа на овој дуел, битолчани ќе направат голем исчекор кон успешна пролет.
„Одработивме добро подготовки, бевме во Загреб и игравме тест натпревари. Мислам дека добро се подготвивме, со исклучок на неколку ракометари кои имаат мали проблеми. Одиме во Загреб да се надигруваме и знаеме каков противник ќе имаме в сабота навечер. Се работи за екипа која скоро секоја година игра Ф4 на СЕХА лигата. Нема да биде лесен натпревар, но ќе играме на победа. Ќе дадеме максимум и ќе видиме што ќе се случи.
Успех во Загреб ќе ни донесе голема самодоверба и добар влез во втората полусезона. Ни следат повеќе натпревари и добар старт во Загреб добро би ни дошол. Ни следи брзо потоа и Татабања во Битола и се надеваме на добри резултати“, вели стружанецот.
Во рамките на СЕХА Гаспром лигата, Еурофарм Пелистер има еден одигран натпревар и победа против Металопластика во Битола.