Челниците на Еурофарм Пелистер ја потврдија долгорочноста на овој ракометен проект, откако по најдобриот ракометар Стипе Мандалиниќ денес ја продолжија соработката и со тренерот Жељко Бабиќ. Поранешниот хрватски селектор ги оправда очекувањата на управата, за што беше награден со нов договор, со важност до јуни 2024 година.
Директорот на Еурофарм Пелистер, Димитар Митревски по потписот рече:
„Веќе некој период разговаравме со тренерот. Тој ја придоби нашата доверба, има јасна визија и пат по кој треба да се движиме и со неговото искуство од претходните клубови, доста ни помага и во градењето во оваа фаза на раст во која се наоѓа Еурофарм Пелистер. Имаме јасна стратегија и стабилизарање на целиот проект, па се надевам дека во овие три години ќе стигнеме до големи цели“.
Битолчани се натпреваруваат во Лига Европа и по првите пет натпревари имаат една победа, едно реми и три порази.