РК Еурофарм Пелистер официјално го претставува првото засилување во 2021 година. Нов член на нашиот клуб е репрезентативецот на Египет, Карим Хендави. Најдобриот египетски голман доаѓа во Битола како големо засилување за голманската позиција.
Хендави потпиша договор и официјално ќе биде претставен штом ќе му завршат репрезентативните обрвски на Светското првенство. Хендави има 32 години, долго време е најдобар египетски голман и стандарден репрезентативец, а има и акумулирано искуство од настапи во Европа.
По искуството во Замалек, во шампионатот на Египет, Хендави мина две сезони во првакот на Турција, Бешикташ, а последен клуб за кој настапуваше е романската екипа Доброгеа Суд. Хендави доаѓа како слободен ракометар и ќе биде еден од ретките Африканци и само втор ракометар од Египет кој ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер.
Новиот голман на битолскиот клуб висок е 188 сантиметри и важи за импулсивен голман, со нескриен темперамент. Со египетската репрезентација освои злато на Африканскиот шампионат во 2016 година на домашен терен и во 2020 година во Тунис.
Клубот ќе го претстави во Битола по завршувањето на Светското првенство, кога ракометарот ќе се јави на тренинзите на Жељко Бабиќ.