Некогашниот тренер на Пелистер и селектор на женската репрезентација на Македонија, Богдан Маковеј, почина на 67-годишна возраст во Романија.
Маковеј како тренер на Пелистер играше финале во Челинџ Купот, што е пред 19 години беше прво европско финале за една македонска екипа. Романецот остави длабока трага и во женскиот македонски ракомет, затоа што го водеше нашиот национален тим до седмото место на Светското првенство (СП) во 1997 година во Германија.
Маковеј беше ракометен херој и во својата земја. Со репрезентацијата на Романија беше четврти на женскиот Мундијал во 1999 година и седми на Светското првенство во 1990 година и на Летните Олимписки Игри во 2000 година. По пензионирањето работеше во Романската ракометна федерација.
Остана запаметен по скромноста и авторитетот, а своето знаење несебично го пренесуваше каде и да работеше.