Откако вчера по доаѓањето на сите ракометари во Битола и правењето на ковид-19 тестовите со два тренинзи во текот на денешниот ден Еурофарм Пелистер ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во салата на Медицинското училиште во Битола. Екипата синоќа се комплетираше, но во првата недела од припремите ќе отсуствуваат репрезентативците на Македонија, Црна Гора и БиХ, кои имаат обрвски кон националните тимови.
Капитенот Чаневски верува дека годинава календарот ќе биде подинамичен и натпреварите повозбудливи. Тој пред првиот тренинг рече:
„И покрај турболенциите со здравствените проблеми, мислам дека добро ја завршивме полусезоната, со победите над Тримо Требње и Металопластика.
Се надевам на подинамичен втор дел, ќе има повеќе натпревари и ќе биде поинтересно и за нас и за публиката. Сакаме да се пласираме во нокаут фазата од Лига Европа и во првенството да му создадеме проблеми на Вардар во обидот да ја одбрани титулата.
Не се опишува разликата да се игра пред полни и празни трибини. Посебно во Битола, вака ни изгледа како да играме во театар. Сепак спортот се игра за публика и се надевам дека гледачите ќе се вратат на трибините. Ги очекувам што побрзо да се вратат на трибините“.
Целје Пивоварна Лашко, ППД Загреб и Велика Горица се првите противници на Еурофарм Пелистер, од вкупно шест натпревари колку што Бабиќ планира до почетокот на официјалните натпревари во февруари.