Прилеп - Еурофарм Пелистер 16-23 (7-9)
Еурофарм Пелистер 2 е последниот учесник во плеј-офот од суперлигашката група Б, откако победи на гостувањето кај Прилеп со убедливи 16-23 и со 22 бода го освои третото место, зад Металург и Бутел.
Првото полувреме мина во одлична игра во одбрана на двата тима, на одмор се замина со 7-9, за потоа битолските „фармацевти“ фуриозно да го почнат вториот дел. Пелистерци ја стегнаа одбраната и играа фуриозно во нападот, па со серија од 7-0 се одлепија и се обезбедија за преостанатиот дел од средбата. Како што во првиот дел се истакна Андоноски, кај Еурофарм по паузата блеска Јован Талевски. 26-годишниот среден бек даде пет голови по паузата и беше клучен играч во моментите кога се „кршеше“ натпреварот.
До крајот на мечот, избраниците на Александар Јовиќ ја одработија задачата рутински, славеа со 16-23 и заслужено се радуваа на место меѓу најдобрите осум екипи во елитната македонска конкуренција.
Најефикасен играч на средбата беше Никола Стоилевски со шест реализации, пред Талевски, Чантурија и Андоноски со по пет голови на своето конто.