Еурофарм Пелистер 2 - Бутел Скопје 23-23 (13-12)
Во натпревар од десеттото коло на групата Б на Суперлигата, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје одиграа неизвесен дуел кој после голема драма заврши без победник, 23-23. Во финишот и двете екипи можеа до победата но немаа реализација во клучниот момент. Со ова реми екипата на Јовиќ е теоретски на еден бод до разигрувањето, а може и со пораз на дуелот со Прилеп да се квалификува, ако Тиквеш не ги добие преостанатите два натпревари.
Битолчани започнаа одлично и мотивирани од голманот Ивановски и од надворешната линија поведоа со 4-2. Сепак, одговорија гостите од Скопје и Мајиќ и Печенковски брзо го вратија натпреварот во егал. Неколку добри одбрани на Даскалоски и технички грешки на битолчани им понудија на гостите водство во втората половина на полувремето. Сепак, финишот на првиот дел мина во знакот на момците на Јовиќ, па Арсеновски со звукот на сирената погоди за 13-12 на полувреме.
Во вториот дел продолжи неизвесноста, па после негативата на полувреме Бутел повторно минимално поведе и го контролираше резултатот. Гостите водеа 16-18 и во 45. минута беше 18:20, оваа предност од два гола се одржуваше подолг период. При 23-23 во последната минута двете екипи имаа напад за победа, но Дрогришки биеше централно и пропадна шансата за победа.
Најефикасен во составот на Еурофарм Пелистер 2 беше Цветан Кузмановски со пет гола, додека по четири постигнаа Јован Талевски и Стефан Дрогришки. За Бутел Скопје, повторно најефикасен беше Мирко Мајиќ со седум гола, а Златко Мојсоски постигна пет погодоци.
Во последното коло Еурофарм Пелистер 2 гостува во Прилеп в недела попладне.