Победен е Металург во Битола и за младата екипа на Александар Јовиќ тоа е голема сатисфакција, посебнопо поразот во Автокоманда, а и лошиот старт на дуелот во „Боро Чуроевски“. Овие три бода се златни за врвот на табелата во групата, но и за самодовербата на битолскиот тим.
Тренерот Александар Јовиќ по натпреварот не го криеше задоволството и рече:
„Честитки и за Металург и за мојата екипа за фер и коректниот натпревар. Не е мала работа да се победи Металург, се работи за еден од водечките клубови во нашата земја. Имавме среќа , очигледно кај нив влиајеше изолацијата од десет дена. Во овие моменти мора да се снаоѓаме, да тренираме и да играме натпревари во условите кои ги имаме. Имавме лош старт и еден голем плус за моите ракометари е што веруваа дека може да победат. Цела недела се спремавме за овој натпревар и цело време потенцирав дека може да загубиме, но не смее да нè надиграат во борбеност“.
Во вторник попладне во Битола гостува Бутел во последниот домашен натпревар на Еурофарм Пелистер 2 во групата Б на Суперлигата.