Со едноминутно молчење, синоќа Еурофарм Пелистер му оддаде почит на поранешниот директор и претседател на клубот, Благој Стефановски. Минатата недела смртта на Стефановски го погоди ракометниот свет, а клубот не го заборави човекот кој остави голема трага во историјата. Сите ракометари, официјални лица и гледачи (оние кои имаа право на место на трибините) оддадоа емотивно едноминутно молчење за човекот кој го задолжи клубот.
Стефановски е роден во Битола на 7 март 1953 година. Заедно со Силјан Мицевски се наоѓаше во раководечкиот тим кој ги оствари најголемите успеси во ракометниот спорт во Битола. Има немерливи заслуги уште во југословенската лига, како директор дел е од скоро сите титули во македонското првенство, трофеите од националниот Куп, полуфиналето на Купот на националните Куп победници...
Неговото враќање во ракометот се поклопува со никнувањето на Еурофарм Работник. Како еден од иницијаторите, заедно со Марковски, Зарков и Мицевски, почнува проект во кој ја изршува улогата претседател. Видливи беа прогресивните успеси на клубот, кој денес е репрезент на македонскиот ракомет во Европа, одлично организиран и силно амбициозен. Се повлече пред неколку години од здравствени причини. Во клубот беше кога минуваа најголемите ѕвезди на македонскиот и европскиот ракомет: Манасков, Маринковиќ, Марковски, Лазаров, Алушовски, Јусуфовски....
Почина минатата недела во 67-та година од животот.