Еурофарм Пелистер - Тримо Требње 33-26 (20-14)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа првата победа во новата сезона на Лига Европа и на најдобар можен начин му го честитаа 20-то роденден на компанијата Еурофарм, која е главен акционер во клубот. Во петтиот одигран натпревар сезонава во групата Д, битолчани конечно дојдоа до првата победа, откако вечерва го совладаа Тримо Требње со 33-26 (20-14).
Битолчани одиграа натпревар во кој имаа целосна контрола над составот на Урош Зорман, кој на средината од првиот дел го загуби чекорот и не можеше повеќе да парира на расположените ракометари на Еурофарм Пелистер. Еурофарм Пелистер за првпат поведе во 7. минута, со голот што од контранапад го постигна Маџовски (5-4). Играта на македонскиот вицепрвак добиваше на сигурност, гостите од Словенија промашија уште еден пенал, по што Мандалиниќ од седум метри донесе предност од „плус три“ (14-11). Во завршницата од првото полувреме составот на Еурофарм Пелистер успеа да го зголемува водството, а на одмор замина со плус од шест погодоци, 20-14.
По одморот, битолчани продолжија во ист ритам, во 42. минута со играч помалку, со четвртиот погодок на Маџовски поведоа со 24-17. Чаневски добра ја вршеше својата задача и запиша уште три одбрани. Играта остана динамична до крајот, а предноста достигна максимални осум разлика. Финалните 33-26 се реален одраз на силите на дуелот во Битола. Фантастичен натпревар одигра Стипе Мандалиниќ со 11 гола од 11 обиди, Кушан го надополни со шест гола, додека кај противникот Рашо беше најефикасен со седум погодови.
Еурофарм Пелистер дојде до три бода по пет одиграни меча, еден помалку од Тримо, но остана на петтата позиција на табелата.