Еурофарм Пелистер го очекува нов натпревар од Лигата на Европа против словенечкиот претставник Тримо Требње.
Битолчани загубија на првиот дуел на гости во Љубљана, а тренерот Жељко Бабиќ најавува дека екипата ја научила лекцијата.
„Направивме добра анализа на натпреварот во Словенија, го вративме победничкиот менталитет и верувам дека оваа ситуација е одлична за цел тим и за цел клуб. Стресот ни е неопходен и ова ќе биде тест за мене и за целата екипа. Треба да видиме дали може да играме против стресот и притисокот и да го добиеме овој натпревар. Овој дуел доаѓа во вистинско време и длабоко верувам во овој тим и во неговите квалитети. Во Словенија не го покажавме нашето право лице. Постојат и причини за тоа, но нема потреба да се навраќаме на тоа. Имаме стрес, притисок и јас се радувам на натпреварот“, смета Жељко Бабиќ.
Битолчани само еднаш играа оваа полусезона во Битола и ремизираа против Кадетен Шафхаузен и покрај предноста од шест гола.
„Моја одговорност е натпреварот во Љубљана. Морам да поработам на психолошки план, да можеме да играме 60 минути на високо ниво. Евидентно беше дека сме под притисок, бидејќи имавме одлични акции кои не ги реализиравме, а и во одбрана не одбранивме многу напади. Но, тоа во спортот се случува. Најважно е што ние имаме квалитет, па ако добро се тренира и ако тимот е заедно, треба да бидеме трпеливи и резултатите ќе дојдат. Можеби овој натпревар доаѓа во ситуација која за нас не е најдобра, но од проблемите се раѓаат можности. Малку ќе ја променам стратегијата и верувам дека тоа на крај ќе вроди со плод“, заклучи Бабиќ.
Натпреварот се игра вечерва од 20:45 часот, а заради пандемијата од ковид-19 не е дозволено присуство на гледачи.