По денешниот тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“, тренерот Жељко Бабиќ ќе ги одреди ракометарите со кои ќе им се спротистави на Словенците од Тримо Требње утревечер. Сите ракометари тренираат во нормален процес и покрај поразите, атмосферата во тимот е одлична.
Репрезентативецот Бојан Маџовски за првиот натпревар во Љубљана вели:
„Можам да ви кажам дека во Словенија одигравме еден од нашите најслаби натпревари. Иако создававме позиции и шанси, имавме голем проблем со реализацијата. Противникот не нè изненади со ништо од тоа што го подготвувавме, па дури и можам да кажам дека го спречивме нивното најсилно оружје – транзиција и брзата игра. Сепак, со тринаесет промашени зицери, тешко се добива натпревар“.
Левото крило смета дека победа во вторник може значително да ја одблокира менталната криза во екипата.
„И минатата, а и оваа сезона се соочуваме што и на добиени натпревари, не ги освојуваме бодовите. Веруваме дека и тоа ќе го надминеме. Го оставаме последниот натпревар зад нас, се спремаме и во вторник се надеваме дека ќе излеземе како победници.
Ни треба една победа да се крене екипата, да ја врати самодовербата. Иако можам да кажам дека атмосферата е добра во клубот, тренираме и се спремаме одлично, но ни треба таа една победа да ја вратиме самодовербата“, заврши Маџовски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Тримо Требње во вторник навечер ќе го водат босанските судиите Амар и Дино Коничањин. Делегат на натпреварот ќе биде Ацо Николовски. Натпреварот се игра на осми декември од 20:45 часот.