Тиквеш - Еурофарм Пелистер 2 25-26 (9-11)
По поразот во Скопје од Работнички, изгледаше дека екипата на Еурофарм Пелистер 2 има тешка мисија да се квалификува во плеј-офот, но по две победи над Младост и Тиквеш, сега битолчани сами од себе зависат за пласман меѓу трите најдобри екипи во групата Б на Суперлигата. Со две победи од преостанатите три натпревари (Металург и Бутел на домашен и Прилеп на гостински терен), плеј-офот ќе биде обезбеден.
Попладнево во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци победен е Тиквеш со 25-26, што е своевиден реванш за поразот во Битола пред два месеци. По полетните 3-2 за Тиквеш, гостинските ракометари направија пресврт 3-5, а таквата предност од два до три гола ја одржуваа и во продолжение од мечот, најмногу по заслуга на голманот Филип Ивановски, кој имаше осум интервенции. На пауза се замина со 9-11 за екипата на Александар Јовиќ.
Екипата на Еурофарм Пелистер 2 постојано водеше и во вториот дел. Во неколку наврати битолчани имаа по два до три гола разлика. Тиквеш се враќаше. а во финишот беше најсериозно, затоа што домашните дојдоа до резултат 24-25, благодарение на разиграниот Симиќ. Голот позитива Еурофарм Пелистер го држеше и во следните два напади, а мирна рака пред крајот имаа Кузманоски и Талевски.
Најдобри стрелци кај победникот беа Кузманоски со осум и Талевски со шест погодоци, а голманот Ивановски имаше дванаесет интервенции. Кај Тиквеш се истакнаа Симиќ со седум и Јанчев со шест голови.