Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер ремизираа (29-29) дома против Фредериција во осмото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Битолскиот тим стигна до четвртиот освоен бод и се наоѓа на шестата позиција која води во осминафинале од елитното европско натпреварување.
На прес-конференцијата по натпреварот зборуваа тренерот Раул Алонсо и дефанзивецот Илија Абутовиќ.
Раул Алонсо
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
За мене ова беше посебен натпревар. Имавме краток период за одмор и да се подготвиме заа ваков ривал беше проблем. Воодушевен сум од дочекот на навивачите и горд на борбата на теренот. Не се откажавме се боревме цело време и бркавме негатива. Во првото полувреме можеби не изгледавме најдобро, но во продолжение знаевме дека со помош на публиката може да се вратиме. Имавме шанси и да победиме, но ако не ги искористите шансите не заслужувате да победите, бодот сепак е добар за нас. Сега ќе одмориме пред лиашкиот натпревар, а потоа одиме на гости кај Веспрем. Се надевам нема да имаме проблеми со повреди.
Илија Абутовиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Знаевме дека ќе биде потешка средба од првата. Фредериција е добра екипа, игра добар ракомет. Сите очекуваа победа, ама не треба да се разочаруваме. Пред три дена почнавме да градиме нешто ново, секој бод е важен во Лига на шампиони. Направивме многу со ова реми. Благодарност до публиката, а ние се насочуваме кон следните натпревари. Веќе в сабота нè чека следниот натпревар, а потоа доаѓа и Веспрем на гости.
Во вториот натпревар од осмото коло во групата А, Спортинг Лисабон го декласира ПСЖ со 39-28.