Еурофарм Пелистер е спремен за европскиот почеток и првото коло од групниот сегмент на Лигата на шампионите. Утревечер во Битола гостува поранешниот европски првак и наш ривал уште од најсилната светска лига, југословеската - Загреб. Противникот мотивира, но уште повеќе импонира што по неколку месеци ќе играме пред нашата публика - најдобрата во светот.
Пред дуелот Еурофарм Пелистер - Загреб пред медиумите зборуваа тренерот и капитенот на македонскиот шампион.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Имавме одлична претсезона и сега сите ракометари се спремни за Лигата на шампионите. Треба да го смениме мислите, го менуваме натпреварувањето и треба да знаеме каде сме во елитата. Загреб е компетитивен тим, играат одлична одбрана, посебно во средината. Треба да ја наметнеме нашата игра и да играме како што игравме во периодот на подготовки.
Спремен сум да ја доживеам атмосферата во Битола. Сите ми кажуваа откако пристигнав и сакам навивачите да уживаат во нашата игра и да се радуваат на победа на секој наш домашен натпревар.
Филип Кузмановски
(капитен на Еурофарм Пелистер)
Среќен сум што ќе го пречкаме Загреб со најдобриот состав. Имавме неколку повредени ракометари кои изостанаа за пријателските натпревари и Суперкупот. Сега сите сме спремни и ќе го пречекаме Загреб. Лигата на шампионите сама по себе е голем мотив и ние ја заслуживме по ланската сезона. Максимално сме мотивирани, знам дека ќе имаме помош од нашите навивачи и очекувам полна сала.
Максимално се подготвуваме и го респектираме Загреб. Не треба да зборуваме за историјата на Загреб, мотивирани сме и сакаме со позитивен резултат да ја почнеме Лигата на шампионите. Загреб има искусни ракометари. Со Игор Карачиќ добија многу во нападот. Тој ќе ги спои бековите, искусен е, поминал многу и знае како се игра на Балканот. Сигурно ќе биде мотивиран заради неговото минато со Вардар, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите. Сепак, нашиот фокус е на нашата игра, нашата одбрана. Мислам дека сезонава ќе бидеме многу посилни, засилувањата добро се вклопија и изградивме добар систем. Имаме позитивна атмосфера и мислам дека тоа ќе биде клучот за наш успех во среда.