Прилеп - Еурофарм Пелистер 2 29-32 (15-16)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 го совладаа Прилеп и во натпревар за бодови во салата „Ристе Ристевски-Ричко“, две недели откако на истото место троиумфираа и во турнирски натпревар. Младите битолчани славеа со 29-32 (15-16), во дуел кој го решија со одлични последни петнаесет минути. Првото коло од новата Суперлига донесе гледливо и драматично пелагониско дерби, кое го следеше исполнета трибина и околу илјада љубители на ракометот.
Дуелот започна израмнето и наликуваше на финалето на Меморијалот „Миле Нешкоски“. Честопати резултатот беше израмнет и првиот дел заврши со минимална предност за момците на Алексндар Зарков (15-16). Кај Прилеп се истакна повратникот Димитриоски, а младиот битолски тим го водеа пивотменот Маркоски и Христијан Митревски.
Вториот дел подобро го отворија домаќините и Шабановиќ и Илиоски донесоа предност. Сепак, следеше серија на гостите, голови на Митревски и Белистојановски и при 18-20 во проблеми влезе тимот на Наум Танески. Следеше игра гол за гол и тактичко надмудрување на двата тренери. Со два неодговорени гола на Димитар Димитриоски, еден од игра и еден од седмерец, Прилеп поведе на средина од вториот дел (23-22). Тогаш на сцена стапи Тунижанецот Мохамед Азис и битолчани пак ја вратија минималната предност. Со драма се влезе во последните десет минути и секој напад беше подеднакво значаен. Мартин Јовановски стапи на сцена и одбрани важен зицер од крило при 27-29 во 55. минута. Момците на Зарков се одлепија на +3 и без драма го добија натпреварот со 29-32.
Најефикасен кај Прилеп беше Димитар Димитроски со десет гола, додека во тимот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Христијан Митревски со десет и Маркоски и Белистојановски со по пет погодоци. Важна алка во победата беше голманот на Еурофарм Пелистер 2, Мартин Јовановски со седумнаесет одбрани. Оваа победа е 25-та по ред на Еурофарм Пелистер 2, кој минатата сезона ги доби сите натпревари во Првата лига.
Ракомет
Суперлига 2025/26
Прво коло
Прилеп - Еурофарм Пелистер 2 29-32 (15-16)
Спортска сала „Ристе Ристевски-Ричко“ - Прилеп
Гледачи: 1.000
Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (Скопје)
Прилеп:
Ангелески, Ивчески, Катсратовиќ 3, Рајатовски 2, Адамчески 1, Секулоски, Крстески, Илиески 1, Димитриески 10, Даршанија 3, Шабановиќ 5, Христоски, Столески, Квастек 4, Лековиќ, Лазески
Седмерци: 7/6
Исклучувања: 12 минути
Еурофарм Пелистер 2:
Јовановски, Младенов, Маркоски 5, Гичев 4, Даневски, Митревски 10, Шулески, Лазаревски 1, А. Фехми, Димитровски, Славков, Белистојановски 5, Дрогришки 2, Мохамед Азис Бен Мафдут 4, Баптист 1
Седмерци: 3/2
Исклучувања: 8 минути
Веќе во следното второ коло младиот тим на Зарков има вистински испит, бидејќи во Битола доаѓа екипата на Вардар 1961.