Ракометарите на Еурофарм Пелистер ремизираа во Битола во дуелот со данскиот тим Фредериција, одигрувајќи 29-29, во рамките на осмото коло во групата А во Лигата на шампиони. Со вечерашното реми и четвртиот освоен бод, актуелниот македонскиот првак остана на шестото место на табелата кое носи пласман во нокаут фазата во елитното клупско натпреварување.
Еурофарм Пелистер од самиот почеток на дуелот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола беше во резултатска негатива која на полувремето изнесуваше 13-16, но многу поангажирано го отвори вториот дел и откако во 45 минута го израмни резултатот (22-22), две минути подоцна капитенот Филип Кузмановски му донесе и прво водство на битолскиот тим (24-23).
Натпреварот влезе резултатски израмнет во последната минута (29-29), но Еурофарм Пелистер не успеа да го реализира завршниот напад и со тоа втор пат за три недели да го совлада данскиот вицепрвак. Богдан Радивојевиќ со седум и Кузмановски со пет голови беа најефикасни во редовите на Еурофарм Пелистер, додека голманот Никола Митревски запиша пет одбрани.
Ракомет
Лига на шампионите 2024/25
А група
Осмо коло:
Еурофарм Пелистер - Фредериција 29-29 (13-16)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 3.500
Судии: Бојан Лах и Давид Сок
Еурофарм Пелистер:
Митревски, Ивиќ, Радивојевиќ 7, Кузмановски 5, Тајник 4, Хосни 4, Пет. Атанасијевиќ 3, Пешевски 3, Манасков 1, Цехте 1, Мамдух 1, Ристевски, Борзаш, Абутовиќ, Хаџиќ, Пав. Атанасијевиќ
Седмерци: 6/4
Исклучувања: 4 минути
Фредериција:
Франдсен, Фрис, Мартинусен 7, Табоада 5, Андерсен 4, Бисгард 4, Кјелдгард 4, Андерсон 2, Нилсен 1, Олафсон 1. Певнов 1, Кристенсен, Балштад, Јагерум, Хејсел, Мосештад
Седмерци: 1/2
Исклучувања: 8 минути
Во следното деветто коло Еурофарм Пелистер гостува кај Веспрем на 28 ноември.