Мешков Брест - Еурофарм Пелистер 35-31 (20-18)
Во финалето на меѓународниот турнир „Купот на пријателството“ во Болу, ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија од Мешков Брест со 35-31.
Во самиот финиш од средбата на семафорот стоеше 32-31 за Мешков Брест, противникот на Еурофарм Пелистер имаше напад во кој еден од играчите на белорускиот тим направи пробивање, имаше и удар во лице на ракометарот на македонскиот шампион Богдан Радивојевиќ, но судиите ништо не досудија, туку признаа само нов гол на Мешков Брест за +2
Играчите на тренерот Бранислав Ангеловски се повлекоа од теренот незадоволни поради судењето. По подолг период и разговори со делегатот, мечот продолжи, а на крајот славеше Мешков Брест со четири голови разлика.
Најефикасни во битолската екипа со по шест погодоци беа Емилијан Ѓорговски и Богдан Радивојевиќ.
Претходно во полуфиналето актуелниот македонски шампион славеше против Чеховски Медведи со резултат 26-25.