Ракометарите на Еурофарм Пелистер се поразени во стартниот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите на ЕХФ. Домашниот тим немаше сили да се спротистави на фаворизираниот гостински тим на Колштад и загуби на дуелот во Битола со 22-31.
Александар Јовиќ
тренер на Еурофарм Пелистер
Честитки за победата на Колштад. На противникот му посакувам среќа и успех во понатамошните натпревари во Лигата на шампионите. Лошо го отворивме натпреварот, имавме голема желба и бевме борбени, но не реализиравме многу зицери. По мојата статистика промашивме девет зицери, а имавме и 3-4 технички грешки. Затоа сметам дека не заслуживме пораз од девет разлика. Овој натпревар треба да биде поука за понатаму и големо искуство. Екипата е речиси нова, и затоа ни треба време. Ова не се алиби за поразот, туку тоа е реалност.
Жарко Пешевски
капитен на Еурофарм Пелистер
Колштад беше супериорен на терен. Ги искористи нашите грешки, а и ние имавме многу промашувања. Мислам дека мора да додаме гас и да бидеме подобри во иднина во Лигата на шампионите. Ни треба поддршка од сите. Голема благодарност до публиката која што дојде во толкав број и нè бодреше во текот на целиот натпревар. Само заедно ќе го најдеме вистинскиот пат и така ќе бидеме подобри во иднина.
Викендов Еурофарм Пелистер гостува кај Вардар 1961 во Суперлигата, а следниот предизвик во Лигата на шампионите е на 20 септември во Алборг.