Салата „Боро Чурлевски“ во Битола е во ново руво за новата сезона. Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер наскоро ќе дебитира во Лигата на шампионите, а првите минути пред битолската публика ќе ги одиграат Домен Тајник и Богдан Радивојевиќ.
Домен Тајник
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Откако дојдов во клубот, добро сум прифатен. Го загубивме Суперкупото, но верувам дека ќе биде подобро. Екипата е нова и ни треба воигрување. Се надевам дека на тренинзите ќе ги поправиме грешките. Верувам дека против Колштад ќе бидеме на ниво и ќе победиме.
Лигата на шампионите е сон на секој ракометар. Еурофарм Пелистер е добра екипа која може да игра противн секој противник и се надевам дека ќе дадеме сè од себе. Дома, пред полна сала, можеме да изненадиме секого.
Богдан Радивојевиќ
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Драго ми е што дојдов и што се приклучив кон екипата, за да се подготвиме за она што ни претстои. Имавме натпревари во Истанбул, со кои не сме задоволни и свесни сме дека некои работи мора да се поправат. За жал загубивме и на првиот важен натшревар против Вардар 1961 во Суперкупот. Лесно е сега да се биде паметен, сите знаевме каде грешевме и што треба да поправиме. Најмногу жалиме за навивачите што поминаа долг пат да нè поддржат, а не можевме да ги наградиме со победа. Сега напорно работиме за Колштад и да ја отвориме Лигата на шампионите со два бода.
На секој играч цел му е да игра во Лигата на шампионите. Имаме голема шанса да направиме нешто големо. Овој град и оваа земја живеат за ракометот и тоа сите го гледаме и мора да го почитуваме. Потпишувам дека ќе имаме далеку најдобра атмосфера на натпреварите и тоа треба да го искористиме и мора да научиме да се носиме со притисокот. Да го пренесеме тој притисок на позитива, а не да се уплашиме. Имаме далеку најдобри навивачи во Лигата на шампионите и тоа мора да го искористиме.
Еурофарм Пелистер в среда од 18:45 часот ќе го пречека првакот на Норвешка, Колштад во првото коло од групата А на Лигата на шампионите.