Актуелниот ракометен шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер со денешниот работен состанок и прв тренинг означи почеток на подготовките за сезоната 2023/24. Тренерот Александар Јовиќ, стручниот тим менаџер Звонко Шундовски и стручниот штаб го одработија првиот тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“. Тренерот Јовиќ и спортскиот директор Ангеловски ветија комплетирање на тимот и уште неколку нови имиња.
Бранислав Ангеловски
(спортски директор на Еурофарм Пелистер)
Чест, задоволство и огромна одговорност е да се биде дел од овој наш познат македонски бренд. Се соочуваме со историски момент за нашиот клуб. За првпат играме во овој формат во Лигата на шампионите, кој е квалитетен како никогаш досега. Сигурно дека во тимот ќе дојдат уште неколку засилувања. Не сакаме да брзаме, бидејќи приоритет ни е квалитетот, а не бројноста. Не сакаме да дојдеме во ситуација во која ќе имаме повеќе бројност отколку квалитет, затоа што во овој тим има вистински шампиони, кои веќе го покажаа тоа неколку пати, и никако не сакаме да го успориме нивниот развој.
Александар Јовиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Сигурен сум дека ќе направиме сè за достојно да го претставиме нашиот клуб и нашиот град во Лигата на шампионите, а покрај тоа и да ги оствариме зацртаните цели во домашниот шампионат и Купот на Македонија. Нашата визија и цел е да направиме спој од македонски квалитетни млади ракометари дополнително со странски играчи. Не сакаме да имаме преголем број на ракометари во ростерот, мислам дека со уште едно до две засилувања ќе направиме одлична екипа за новата сезона.