Еурофарм Пелистер - Вардар 1961 26-23 (13-12)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер се на чекор до освојување на шампионската титула во Суперлигата откако вечерва во големото дерби го совладаа бранителот на тронот Вардар со 26-23. За „црвено-црните“ тоа беше втор сезонски пораз по оној од Алкалоид, па сега ќе мора да го предадат шампионскиот епитет по седум години.
Еурофарм Пелистер за официјално крунисување мора да си ја заврши работата во последните две кола против Охрид и Тиквеш. Битолчани заслужено дојдоа до триумфот. Водеа речиси во текот на целиот натпревар иако и Вардар имаше свои моменти, сепак Пелистер помалку грешеше.
Гостите од Скопје со одлична серија во финишот на првиот дел дојдоа до негатива од само еден гол, а резултатот беше егал во почетните минути на вториот дел. Потоа Пелистер направи голем чекор напред кон триумфот кога поведе со 21-17. Вардар имаше сили за серија од 3-0, но не и повеќе. Гостинот продолжи со индивидуалните грешки во нападот, па домашните поведоа со 26-21 на три минути до крајот. Вардар финишираше со два гола по ред за конечни 26-23.
Во редовите на Еурофарм Пелистер, македонскиот репрезентативец Никола Костески беше најдобар стрелец со шест голови колку што имаше и Усама Хосни, додека Мохамед Суси имаше пет. Кај Вардар 1961, Филип Талески постигна шест голови, а по пет реализираа Гоце Георгиевски и Дејан Манасков.