Време е за четвртфиналните натпревари во СЕХА Газпром лигата. Еурофарм Пелистер во вторник со почеток од 18.00 часот во Битола во првите шеесет минути од двомечот ќе ги одмери силите со Татран Прешов. Голманот на македонскиот вицешампион Марко Кизиќ вели дека Словаците имаат добар тим со докажан квалитет во натпреварувањето оваа сезона, а тренерот Јовиќ повика на сплотување и поддршка на екипата.
Александар Јовиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Се работи за квалитетна екипа, која е шампион на Словачка. Нè очекува тежок и неизвесен натпревар. Татран има многу интернационалци во составот. Од наша страна, ќе се обидеме да се подготвиме добро и првиот натпревар да го дочекаме максимално подготвени.
Мислам дека имаме два клучни месеци пред нас. Сметам дека треба сите да се мобилизираме за да ја исполниме нашата цел, а таа е освојување на двојната круна во Македонија. Немилите настани што се случија на дербито во Скопје оставија трага, но мислам дека утрешниот дуел е шанса за сите да се сплотиме и да тргнеме кон нашата цел. Според мене, Пелистер плус „Чкембари“ е еднакво на Битола, така што утрешниот натпревар е шанса и ги повикувам навивачите да нè поддржат да дојдеме до победата.
Марко Кизиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Се работи за квалитетен ривал, видовме што може Татран досега во СЕХА лигата. Ова е двомеч, нема многу време за подготвување, но верувам дека ќе бидеме доволно спремни.
Нормално, како и на секој натпревар, Еурофарм Пелистер оди на победа. Татран сезонава игра квалитетно, искусно и едноставно е екипа која заслужува респект, ама и покрај сè како што кажав, одиме на триумф.
Дуелот меѓу македонскиот и словачкиот претставник се игра во вторник од 18:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.